Со положување свежо цвеќе одбележана 77 годишнината од ослободувањето на Штип

Со положување свежо цвеќе на споемн бистата на Михајло Апостолски, како и на споменикот на Револуцијата Исар денеска се одбележаа 77 години од ослободувањето на град Штип. Историјата на Штип памети горди, храбри и слободољубиви луѓе кои го понесуваа борбениот фаќел на својата генерација, кои се најдоа во оганот на настаните за да се креира патот кон денешната слобода, прогрес и просперитет.

„На овој свечен ден сме тука на Исарот препознатливиот симбол на нашиот град за да ја одбележиме годишнината на неговото ослободување. Тука сме и велиме да не се заборави, тука сме и да се потсетиме колку човечки животи и дадени судбини се вградени во ова денес што ние го живееме. Секое празнување е убав повод, повод да се потсетиме на годините на ропство, на годините на борба и неправди, повод одново да погледнеме на нашата сегашност, но и убав повод да ги проектираме годините кои се пред нас со обврска за поубава иднина.“ – кажа Кожинкова.

Штип од некогаш мало градче низ годините прерасна во убав и модерен исполнет со нови градби, стопански објекти, училишта кои се сводоци за едно ново и модерно време.

Овде сум настанал и овде ќе исчезнам, овде сум го здогледал небесниот бескарај на кој окото ми се одмара и ова не би го заменил за ниеден крај на светот, поубав можеби има, но подраг никаде. Овој крај тоа сум јас, тоа е мојот живот и мојата љубов, тоа е мојата лулка и мојата гробница, мојот почеток и мојот крај. На ваков начин со цитат од познат писател Кожинкова го заврши денешното обраќање по повод ослободувањетѕо на градот под Исарот.

Лаура Стојанова М-Нет