Јорданов: ЈП „Исар“ историски гледано е најзадолжено до сега!

Најбогатото претпријатие во Штип, Исар сега е нај задолжено истакна на прес утринава новиот градоначалник на Општина Штип, Иван Јорданов, откако добил известувања за неподмирени долгови од страна на ова претпријатие. Присилно наплаќање од Министерството за финансии или исклучување на електричната енергија му се заканува на ЈП „Исар“ доколку долговите не бидат подмирени за неколку дена. Долг од седум милиони 395 илјади денари има кон Министерството за финансии, 29 милиони денари за електрична енергија како и 60 милиони денари долг кон добавувачи.

„Сите проекти кои што се случувале, набавка на цвеќиња, на резервни делови, на метларки и други материјали за работа не се исплатени. Крајно неодговорно, нечесно работење од страна на јавното претпријатие. Но, она што уште повеќе загрижува е обврската која што ЈП „Исар“ ја има со години кон Министерството за финансии преку претходно склучен кредит, којшто замислете овие четири години ниту една рата оваа претходна Локална власт нема вратено“ – кажа Јорданов.

Вкупната задолженоста на ЈП „Исар“ е 300 милиони денари, истакна Јорданов додавајќи дека истото е историски најзадолжено досега.

„Заради криминалното, неодговорно работење на претходната Локална власт, додека набавувале машини, додека поставувале цвеќиња и пауни го задолжиле ЈП „Исар“ за цели 300 милиони денари“ – додаде Јорданов.

 Како нова Локална власт Јорданов посочи дека ќе се сопрат сите нерационални трошоци кои што до овој момент се случувале во јавните претпријатија и во Општина Штип. ЈП Исар како што истакна Јорданов има долг од 300 милиони денари, а побарувања од 14 милиони денари.

Лаура Стојанова М-Нет