За долгот на ЈП „Исар“ се огласи и претходниот градоначалник доктор Сашко Николов

Откако новиот градоначалник на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека јавното претпријатие Исар е најзадолжено упати неколку прашања до претходниот градоначалник, доктор Сашко Николов како и до претходниот директор на ЈП „Исар“ Здравко Коцев.

„Во оваа прилика сакам да ги запрашам господата од претходната Локална власт. Дали е потребно сега да ги продаваме поставениот паун за старо желзо, метларката од 95 илјади евра, дали е потребно да ги вратиме исушените садници од 3,5 милиони денари кои сеуште не се исплатени за да можеме да ги сервисираме обврските кон граѓаните и да го платиме овој историски највисок долг на ЈП „Исар“. Затоа уште еднаш ја споделувам оваа информација до штипската јавност, но исто така ги прашувам Магистерот по безбедност, докторот и градежникот по која математика утврдиле дека салтото на Општина Штип е позитивно“ – кажа Јорданов.

Одговор на овие прашања побаравме и од претходниот градоначалник, доктор Сашко Николов. Во писмено соопштени тој истакна дека за шест месеци активно работење на јавното претпријатие Исар се вратени пет милиони денари долг за електрична енергија.

„Кога дојдов на функција градоначалник крајот на 2020, за еден месец во 2021 ми стига известување дека сметката на ЈП Исар ќе биде блокирана, а со тоа ќе се блокираше и сметката на Општина Штип. Успеавме да направиме репрограмирање на Исар за плаќање на долгот за кредит за во наредните пет години. За овој долг претходните Власти во 96 месеци платиле само десет пати. Во 2017 година кога на Власт беше СДСМ, и градоначалник Благој Бочварски плаќањето е ставено во мирување, не знам поради која причина. Што се однесува до паунот, тој е донација од бизнисмен во Штип, па доколку сакаат да го продадат треба да побараат одобрување од него. Метларката е купена 2017 – 18 година и одговор за ова треба да се побара од тогашниот градоначалник. Дрвјата на булеварот се купени на тендер, а цвеќињата на кружниот тек се од расадникот на ЈП „Исар“. Доктор Сашко Николов беше градоначалник само девет месеци, од кои во првите три направивме реорганизација, а во наредните шест активно работевме до изборите, со што подмирени се една третина од долгот на Исар и направено е репрограмирање. Како кандидат за градоначалник имав начин и форма за подобрување на условите за живот. По изборите новиот градоначалник треба да најде начин како да се справи со проблемите кои ги има ова претпријатие три децении наназад. Му посакувам искрена успешна кариера“ – напиша Николов.

Лаура Стојанова М-Нет