
Производителите на бело злато сѐ уште оставени на искушение. Цената на оризот е, како што велат тие, ниска, а трошоците постојано растат, не можат да си ги подмират ни основните потреби за живот. Еден килограм ориз чини како една гума за џваќање, вели Петар, оризопроизводител од с. Чешиново, кочанско. Тој додаде дека од 100 килограми арпа се добиваат околу 40 килограми бел ориз, а за производителите од тоа остануваат скромни 100 денари.
„Проблеми со оризот имаме, невозможни проблеми што не можеме да ги решиме ние земјоделците, туку мора да се преземат некои итни мерки затоа што и ова последното зеленило што го имаме во кочанско ќе снема. Затоа што никој не се интересира за оризот. Значи, луѓето се оптеретени со многу огромни давачки. Пример, ако добие 550 – 600 килограми ориз, од тоа не може да се извади ни за леб. Пари нема, така речено, затоа што ѓубрињата имаат сѐ повисока цена. Орањето е 1000 денари, ѓубрето е 1000 денари, жетвата е 1000 денари, преработката на белиот ориз е 1000 денари… Кога ќе го собереме сето тоа, некаде околу 7000 – 7500 денари имаме ние давачки за оризот. А еден килограм ориз е како една гума за џвакање“, вели Петар.
Петар има околу три хектара ориз. Тој и неговото семејство годинава завршиле со жетвата на оризот, меѓутоа егзистенцијата е многу слаба. Вели дека не се преживува ако самостојно не се снајдат за да го продадат оризот.
„Не можеме ние да ги исплатиме сите тие давачки кои ги набројав. Значи, не можеме да преживееме. Е, сега што треба? Треба да излезат сите, стари и млади, на патот и да се блокира, единствено болничка кола да се пушти, за тоа нема проблем, а другите не. И мора да дојде тој ден, ние сме дошле до крајот, немаме услови. Што ќе правиме сега? Како ќе преживееме? Има многу давачки. Комбајнот ќе ожнее, водната станица треба да се плати. Нам ни останува само околу 500 денари од тие 500 – 600 килограми арпа, ништо повеќе. Така што не знам што ќе се прави“, додава тој.
Минатогодишната реколта не е продадена сѐ уште. Условите за преживување – тешки, истовремено, покачена е и цената на нафтата. Петар вели дека сѐ што имал вложил во производството на ориз, а добивката е минимална. Килограм бел ориз на пазарот се нуди по цена од 70 денари.
Лаура Стојанова МНет