СДСМ со проект предвидоа туристичко – рекреативен комплекс кај браната на река Отиња

Уредување на крајбрежниот простор на браната на река Отиња е новиот проект на СДСМ – дополнение на тековната изградба. Носителот на советничката листа, Александар Мишев, на прес – конференција го претстави планираниот туристичко – рекреативен комплекс.

„Се наоѓаме пред најголемиот капитален проект, брана на реката Отиња – сонот стар 60 години за изградба на браната е веќе реалност. Овој значаен проект создава услови за обезбедување технолошка вода за потребите во градот и ќе служи како средство за заштита од поплави. Денес го најавувам проектот за уредување на крајбрежниот простор на браната. Во оваа фаза ќе создадеме услови за заокружување на спортско – рекреативниот центар „Суитлак“. Населбите Суитлак и Блок 2000 ќе се поврзат со улица, а ќе ги изведеме и сите подготвителни работи за викенд зони за куќи и туристичко – спортски објекти со што овозможуваме развој на туристичко – угостителските активности“, истакна Мишев.

Изградба на брана на река Отиња е проект вреден 306 милиони денари, финансиски поддржан од Министерството за транспорт и врски, а за уредување е предвидено да се потрошат 21 милион денари.

Мишев ја побара поддршката од граѓаните за на 17 октомври да го одберат најдоброто за Штип.

Лаура Стојанова МНет