Заинтересираност за трета доза вакцина има, обемот на работа на вакциналниот пункт во Штип – намален

Заинтересираноста за вакцинација на едно стандардно ниво, обемот на работа е намален, информираше координаторката за вакцинација во Штип, Дијана Коцева – Миланова. Како што вели таа, заинтересираност за прва доза сè уште има, додека за трета доза сè позаинтересирани се здравствените работници.

„Ние работиме прва смена, од 7:00 до 15:00. Заинтересираноста држи еден стандард, окоу 100 граѓани дневно. Дел од тие граѓани доаѓаат за ревакцина, дел се за први дози. Овие денови имаме зголемен интерес за примање трета доза вакцина. Најпрво интерес пројавија здравствените работници од Клиничката болница“, истакна координаторката.

Согласно намалениот обем за работа, Коцева – Миланова додаде дека има и доволно количини вакцини и доволно медицински кадар. Истовремено, дел од медицинските лица се вратени на своите постојани работни места, од каде беа ангажирани во полза на потребите на вакциналниот пункт.

Според последната статистика на МЗ, вкупно се аплицирани 1.544.531 дози вакцини, а ревакцинирани се 748.563 граѓани. Трета доза вакцина, пак, примиле скоро 800 граѓани.

47% од полнолетното население е вакцинирано со една доза вакцина, 44% од полнолетното население е вакцинирано со две дози вакцини, 38% од вкупното население е има примено една доза вакцина, 35% од вкупното население е вакцинирано со две дози вакцини и 53% од населението постаро од 40 години е вакцинирано со две дози вакцини.

Барем една доза вакцина примиле вкупно 795.186 граѓани.

Ребека Спасова МНет