Од утре започнува петтото издание на „Текстилијада“, главно мото – известувањето на медиумите

Петтата по ред текстилијада ќе се одржи следните три дена, во периодот од 7 до 9 октомври. Овогодинешното централно мото е „Известувањето и улогата во борбата за работнички права“. А предвидена е богата програма со културно – уметнички активности, многу гости и соработници, како од земјава, така и од други држави на светско ниво.

„Главен настан ни е новинарите и известувањето за работнички права, каде што ќе ги имаме уредниците од печатените медиуми, како и телевизиите во нашата земја. Понатаму, ќе ни се вклучат и „Арте ТВ“ од Германија, коишто направија документарна емисија за состојбите и условите во текстилната индустрија во Македонија. Понатаму, имаме дебата на тема „Улогата на брендовите и работничките организации“, што е настан заедно со фондацијата „Фридрих Еберт“ и Со нив направивме еден водич за брендови којшто треба да им послужи на брендовите да ги знаат ризиците во нашата држава“, истакна претседателката, Кристина Ампева.

Ампева додаде дека ваквата активност произлегла од документарниот филм кој се проширил на светско ниво, а по кој јавувања од модните брендови се сѐ побројни со цел да се информираат за општествено – одговорните компании. Оттука, ќе биде промивирано и четвртото издание на весникот „Текстилец“.

„Понатаму, во соработка со НУ – УБ „Гоце Делчев“ Штип ќе бидат читани и доделувани наградите во рамките на литературниот конкурс кој го распишавме во месец септември, а на кој пристигнаа повеќе од 30 литературни творби. Во сабота ќе биде промовиран и нашиот весник „Текстилец“, кој го издаваме веќе четврта година по ред и кој е посветен на работниците од текстилната и кожарската индустрија“, посочи проектниот координатор, Благојче Дишоски.

„Исто така, оваа година ќе имаме и стрип изложба. Продолжуваме со едно од ретките стрип изданија, каде што супер – хероината е работник. Но оваа година нема да биде „супер текстилка“, туку ќе биде „супер работничка“, зашто организацијата ги заштитува сите работници, а не само текстилците“, додаде културно – уметничкиот директор, Денис Ампев.

Од „Гласен текстилец“ напоменаа дека во периодот од претходната до оваа текстилијада се досегнати многу компании вон земјава. Истовремено, во период од скоро година и половина дури 12 илјади работнички ги побарале своите права.

Ребека Спасова МНет