
Граѓанска иницијатива „Стоп за криминалот во судството“ беше на прием во Републичкиот судски совет. Оттаму со известување за заклучоците истакнаа дека во случајот со корупција предводен од разрешениот судија, Стојанче Рибарев, учествувале мал број судии. Согласно досега преземеното, пак, се очекува РСС да направи се што е во рамките на законските надлежности.
„Станува збор за неколку судии и адвокати организирани преку еден извор на моќ во лицето на разрешениот поранешен судија на Врховен суд и поранешен Претседател на Апелациониот суд во Штип – Стојанче Рибарев, кој влијаел на одлучувањето и непристрасноста на судиите во донесување на незаконити судски одлуки и злоупотреба на судскиот печат кон прибавување на значителна материјална корист. На средбата беше изнесено дека станува збор за мал број на судии кои со своето систематско незаконито постапување го подриваат угледот на целокупното судство како на подрачјето на Апелациониот суд во Штип, така и во целата држава. Се надеваме дека РСС ќе овозможи порешително искоренување на ваквите негативни делувања од страна на поединци кои во текот на своето децениското работење во судовите успеале да го деформираат системот задолжен за делење на правдата во името на граѓаните и да го насочат во правец на свое лично богатење.“
Од „Стоп за криминалот во судството“ изразија благодарност за отворениот и транспарентен систем со цел зголемување на општествената доверба во судскиот систем на државата. „Се надеваме дека ваквиот начин ќе ја придвижи државата кон европските вредности кон кои се стремиме на чесност, правичност и еднаквост пред законите на граѓаните“, додадоа од граѓанската иницијатива.
Лаура Стојанова МНет