Николов: Штип ќе биде третиот град во државата кој ќе користи енергенс од новата гасификација!

Проект за изградба на секундарна гасификација во Штип денеска вети кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ, Сашко Николов. По завршување на првата фаза и спроведување на анкета за заинтересираност на домаќинствата Штип ќе биде третиот град во државата кој ќе го користи енергенсот од новата гасоводна мрежа, додаде Николов.

„Денес пред штипската јавност го најавувам проектот за изградба на секундарна гасификациска мрежа. Изминатите четири години се посветивме на обезбедување потребна документација за непречен почеток на градежните работи. Така, во првата фаза, почнувајќи од развојната клучка кај населба Три чешми ќе се започне со изградба на секундарната гасификациска мрежа, доведувајќи го овој енергенс до постојната индустриска зона и за идната развојна зона, наменета исклучиво за домашни претпријатија, кампусите од Универзитетот „Гоце Делчев“, градинките, основните, средните училишта, како и Клиничката болница во нашиот град. По завршувањето на првата фаза и по спроведувањето на анкета за заинтересираност кај домаќинствата, ќе пристапиме кон план за изведба на дистрибутива мрежа и за оваа категорија на наши сограѓани. Со тоа Штип ќе стане трет град во државата, после Скопје и Куманово, кој ќе го користи овој енергенс од новата гасоводна мрежа. Ефектот и придобивките од оваа инвестиција се пред сè: намалување на загаденоста на воздухот во зимските месеци, како и подобрување на конкурентноста на штипските претпријатија поради користењето на многу поевтин реагенс за работа“, истакна Николов.

За развиени и осовремени општини потребни се работа и труд, а со тоа и задоволни граѓани. За Штип да продолжи да се развива и напредува Николов денеска ја побара довербата од граѓаните која треба да биде покажана на 17 октомври.

Лаура Стојанова МНет