
Со симулативна вежба за спасување и реагирање кај повреден човек беше одбележан Светскиот ден на прва помош. Волонтерите и стручните соработници на Црвениот крст Штип на „Плоштадот на пријателството“ во Штип од 11 до 14 часот демонстративно симулираа и пружаа прва помош. Целта на ваквиот ден е еквивалентна на веќе постојното мото на Црвениот крст – граѓаните да се обучат да пружат некому прва помош и да бидат информирани за важноста на истата.
„Секоја година умираат милиони луѓе или искусуваат компликации од повреди кои не биле адекватно и навремено третирани. Денес го одбележуваме Светскиот ден на првата помош и за таа цел имаме група на обучени волонтери кои денес ќе покажат практично срцево – белодробно оживување и како можат да се имобилизираат некои најчести повреди коишто се појавуваат“, истакна Татјана Санева, стручен соработник на Црвен Крст Штип.
Волонтерите беа задоволни од интересот на граѓаните. Тие истакнаа дека многумина не знаеле за тоа дека можат некому да пружат прва помош. Сепак, имало и такви кои сакале да го повторат она претходно го слушнале или виделе некаде.
„Денес Црвениот крст го одбележува Светскиот ден на првата помош и по тој повод се делат информативни флаери. Исто така, имаме практично покажување на некои од најчестите повреди, како и срцево – белодробно оживување, коешто е од огромно значење за знаењето на кој било, во каква било ситуација и да се најде. Едни од повредите коишто ги покажуваме е имобилизација на екстремитети, повреда со страно тело, имобилизација на страното тело, преврски, компресивна преврска, при срцево – белодробно оживување го користиме методот „Гледај, случај, чувствувај!“, потоа крварењето од нос и други повреди. Некои од граѓаните слушнале нешто, научиле нешто, но и многумина се заинтересирани, имаат доста интерес за да научат и да ги повторат своите знаења, бидејќи секому му треба тоа и секој во одреден момент може да се соочи со повреди“, рече една од волонтерките, Сандра Ташкова.
Овогодишнешното мото на Црвениот крст и Црвената месечина ги таргетира учениците како целна група. Во план се следни активности во училиштата преку кои учениците и наставниците би требало да се стекнат со вакви вештини.
„Меѓународната организација на Црвениот крст и Црвената полумесечина децата ги препознава како најважни провајдери на прва помош, кои од најраната возрас би ги научиле вештините на правилно и навремено пружање прва помош. Тоа може да се постигне ако првата помош се вметне во наставната програма на децата од најрана возраст. Мотото за оваа година е „Биди херој во твоето училиште, научи прва помош!“. За таа цел ОО на Црвен Крст Штип во сите основни и средни училишта со стручен доктор ќе одржи предавања на наставниците кои сето тоа потоа ќе можат да го пренесат на нивните ученици“, додаде Санева.
Согласно планираните активности, ќе биде обезбеден и прирачник за прва помош за сите училишта за истиот да може да биде користен и вклучен во наставната програма.
Црвениот крст Штип организира вакви настани и активности секоја година, а истите ќе бидат одржани и на ниво на цела држава.
Ребека Спасова МНет