
Осум нови приеми во болницата во Штип и два во Кочани како последица на влошување на состојбата од Ковид – 19. Заклучно со вчера во Штип се хоспитализирани 43 пациента, од нив 36 во модуларната болница и 7 на Кожното одделение, кое работи како ковид – оддел. Од вкупниот број хоспитализирани, 36 се со потешка клиничка слика и имаат потреба од кислородна поддршка. Извршени се и 65 амбулантски прегледи, а тројца пациенти се испишани. Од заразените 11 лица се вакцинирани. Нема починати пациенти. Во модуларната болница има 11 слободни места, а 3 на кожното одделение, информира портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.
Во Кочани, пак, бројот на хоспитализирани е помал, но места во ковид – одделот нема. Модуларната болница нема да се отвори, истакна д-р Иле Постолов од Интерното одделение, кое работи како ковид – оддел.
„Во моментов, во Кочани се хоспитализирани 18 пациенти, од нив 5 пациенти се на кислородна поддршка. Повеќе слободни кревети немаме, значи, одделението е со полн капацитет. Починати пациенти во последните 24 часа нема. Модуларната болница нема да биде отворена, затоа што ние немаме инфектолози, односно доктори коишто се соодветни за да работат со оваа патологија, односно со Ковид – 19“, информираше Постолов.
На територија на цела држава, пак, во текот на вчерашниот ден регистрирани се 199 нови случаи на Ковид – 19. Од источниот регион, двајца се од Штип. Пријавени се 32 починати лица, од кои еден 71 годишен жител на Делчево.
Регистрирани се и 556 оздравени пациенти, од кои 26 од Штип, 9 од Пробиштип, 6 од Кочани и 1 од Виница.
Бројот на активни случаи на територија на цела држава изнесува 14.781.
Ребека Спасова МНет