
Четири ученика позитивни на Ковид – 19 во училиштата во Штип и Карбинци. По еден во основните училишта „Тошо Арсов“ во Штип и „Страшо Пинџур“ во Карбинци и по еден во средните „Коле Нехтенин“ и ДУЦ „Искра“. Суспектни ученици и наставници има и во ООУ „Ванчо Прке“ во Штип. Градоначалникот Николов истакна дека нема интерна трансмисија, а заразените биле во контакт со заразени надвор од училиштето.
„Сè уште во училиштата немаме никаква ковид – ситуација, туку имаме ученици коишто биле во контакт во своите семејства со заразен од Ковид – 19. Тие ученици и одделенија се ставени во изолација за претпазливост со мерките коишто ги спроведуваме како резултат од Комисијата за заразни болести, којашто ни ги даде. Така што имаме едно одделение во „Ванчо Прке“ каде што еден ученик во едно одделение имал контакт со член од фамилијата заразен со Ковид – 19 и целото тоа одделение го ставивме во изолација. Во наредните 5 – 7 дена доколку не пројават некакви симптоми, се враќа тоа одделение. Истото се случи и во „Тошо Арсов“, во изолација имаме еден позитивен ученик, но и тоа дете е заразено надвор од училиштето. Во „Славејко Арсов“ имаме двајца ученици коишто имале контакт, па се ставени во изолација. Истото и во „Гоце Делчев“. Во средните училишта имаме во ЕМУЦ „Коле Нехтенин“ еден позитивен ученик и целото одделение ставено во изолација. Во „Јане Сандански“ имаме еден ученик којшто утрово е тестиран, а сè уште немаме сознанија за дали ќе се изолира тоа одделение. Во „Димитар Мирасчиев“ или текстилното училиште имаме еден наставник позитивен на коронавирусот којшто е ставен во изолација, а и во „Ванчо Прке“ еден наставник е позитивен, но немал контакти со учениците од своето училиште, па е ставен во изолација според протоколите“, информираше Николов.
Тој апелираше до родителите да внимаваат на себе и своите деца, па доколку почувствуваат некакви симптоми подобро да реагираат навреме. Посочи дека учениците се безбедни во училиштата, а советниците за образование постојано ја следеле ситуацијата на терен.
Заразените ученици во периодот на изолација ќе ја следат наставата онлајн, а доколку се констатира заразен наставник, соодветно ќе се одлучи за изолација на едно или неколку одделенија во зависност од контактите.
Ребека Спасова МНет