Од ОК на ВМРО ДПМНЕ на денешна прес – конференција обвинија за, како што велат тие, неспособност на локалните власти, посочувајќи ја депонијата со градежен шут, на местото каде бил ветен Спортско – рекреативен центар „Суитлак“.
„Наместо сала за боречки спортови со фитнес сала, наместо повеќенаменски спортски игралишта, наместо аквапарк, затворен и отворен базен, наместо нова велосипедска патека… Денес, на ова место, каде што требаше да биде ветениот СРЦ „Суитлак“, единствено што можеме да видиме и да евидентираме е обична депонија со градежен шут. Власта којашто пред четири години даде ветување со рок за фазна градба до 2020 година, ги излажа штипјани и на ова место остави само празна ливада. Веќе е повеќе од јасно дека не само што се неспособни да реализираат проекти, туку се број еден во искажани лаги, невистини и манипулации.“ – рекоа од ОК на ВМРО ДПМНЕ
На ваквата реакција, Градоначалникот Николов, рече дека нема да коментира, туку ќе остави граѓаните сами да видат што е сработено.
„Ќе имаме затворен базен, веќе имаме отворен базен, ќе имаме СРЦ во „Суитлак“, што ќе биде напрвено со повеќе проекти во самиот Центар. Во наредниот период ќе имаме и голема спортска сала во која ќе инвестираат приватни инвеститори. Штип станува модерен град. Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го фати приклучокот кон модернизацијата и усовршување и усовременување на Општина Штип, зависи од нив“, рече Николов.
Во ОО на СДСМ Штип, пак, стои дека празните ветувања се дело на ВМРО ДПМНЕ, а граѓаните добро го паметат тоа.
„Челниците на ВМРО ДПМНЕ во Штип во отсуство на идеи и проекти за тоа што би им понудиле на штипјани на претстојните локални избори, излегуваат на јавни настапи во кои посочуваат на наводно нереализирани проекти. Колку за потсетување во изминативе 4 години се реновирани училишните сали во повеќето основно и и средни училишта, изградено е монтажно балон игралиште во училиштето Ванчо Прќе, Штип добива нов и модерен градски стадион, изградено е баскет игралиште во СРЦ Суитлак, ново баскет игралиште во дворот на гимназијата “Славчо Стојменски” и не застануваме овде. Граѓаните не забораваат дека ВМРО-ДПМНЕ ги остави без базен, без никакви рекреативни содржини во градот. Наспроти тоа, во време на владеење на СДСМ е изграден нов аква парк во градот, а исто така се ближи и комплетирањето на изградбата на затворен базен и СРЦ Суитлак. Единственото што граѓаните го добија од ВМРО-ДПМНЕ се празни ветувања и ниту еден реализиран капитален објект. И тоа граѓаните добро го паметат.“ – додадоа од СДСМ.
Ребека Спасова МНет
