Успешно се одвиваше крводарителската акција во просториите на Општината. Истата е поддржана од Градоначалникот, а наменета, главно, за вработените во Општината. Одзивот е задоволителен, велат одговорните.
„Денеска имаме крводарителска акција во просториите на Општина Штип. Акцијата е организирана од Регионалниот центар Штип, поддржана од Градоначалникот на Општина Штип. Задоволни сме од одзивот. Сакавме малку да ги мотивираме вработените во Општина Штип да даруваат крв. Собравме голем број на единици“, рече трансфузиологот, Моника Стоилева.
Крводарителската акција е на барање на одделот за трансфузиона медицина, со оглед на тоа што недостасувале единици крв. По тоа барање, Градоначалникот Николов истакна дека веднаш се координирале и организирале, па тој апелираше до сите вработени да даруваат крв.
„На моја огромна среќа и благодарност до сите вработени во Општината, бројката на крводарители е голема и мислам дека сè уште трае крводарителската акција. По тоа што го видов, ќе направиме една традиција да Општина Штип заедно со целата администрација и јавните претпријатија секоја година на овој датум или овие датуми организира ваква акција. Со ова покажавме дека Општина Штип работи за граѓаните, а Општина Штип и граѓаните се сложни и си помагаат едни на други во добро и во лошо“, истакна Николов.
Тој дополни дека самиот нема дарувано крв овој пат поради здравствени проблеми, но дека веќе неколкупати има дарувано и ќе продолжи да дарува.
„Јас сум крводарител, некаде околу 12 пати имам дарувано крв. Меѓутоа, поради конзумација на антибиотици поради здравствени проблеми со забите, овој пат ме одбија за дарување. Но имам уште два дена да примам антибиотици, па за седум дена од тогаш ќе можам да дарувам крв и ќе дарувам крв. Инаку, сум дарувал и додека бев во приватна болница, па и додека работев во болницата во Штип“, додаде Градоначалникот.
Николов потенцираше на важноста од овие акции и краводарителството, зашто, како што рече тој, ова е гест со кој една ќеса крв спасува еден човечки живот. Оваа крводарителска акција е уште една во низата со која се апелира до сите граѓани, доколку се во можност, да даруваат крв и да спасат живот, а со истата се иницира и на што почесто и традиционално организирање.
Ребека Спасова МНет
