
Во недела наутро треба да започне пописот во нашата држава, статистичка операција од која државата е лишена две децении. Закон за попис е донесен некаде крајот на март почетокот на месец април, како и методологијата, па според Министерот за правда Бојан Маричиќ, нема никакви пречки за негово отпочнување.
„ Ние Законот за попис го донесовме уште крајот на март почетокот на април, тогаш е усвоена и методологијата, веќе се одвиваат обуките на попишувачите, јас во неделата го посетив меморијалниот центар „Киро Глигоров“ овде во Штип каде се обучува една група. По моите информации на добро ниво на подготвеност се попишувачите, техничките услови се остварени, значи имаат сите и опрема и таблети и апликации кои што функционираат и очекуваме во недела наутро да започне пописот кој што ќе трае до 30 септември“ – истакна Маричиќ.
Бројот на резервни попишувачи во одредени општини не е задоволителен, ама од страна на Владата е пронајдено решение и за овој недостаток.
„Точно е дека се работи на дополнување на бројот на резервни попишувачи во одредени подрачја. Владата со заклучок ги стави на располагање оние лица кои што се ангажирани со договор на дело по институциите да помогнат таму каде што има потреба“ – додаде Маричиќ.
Во Општина Штип бројот на реонски попишувачи како и резервата е задоволителен по последниот дополнителен рок за пријавување на кои имаше плус 54 кандидати.
Лаура Стојанова М-Нет