
Охрабрувачка ковид ситуацијата во кочанската модуларна болница. Нема дополнително зголемување на бројот на новоинфицирани пациенти, а и бројот на лица кои имаат потреба од кислородна поддршка сведен на минимум. Од постојаните вкупно пет хоспитализирани лица во модуларната болница во Кочани само 2 се на кислородна поддршка, слободни се 30 кревети и нема починато лице, информираше директорот на болницата, Александар Серафимов. Тој во телефонски разговор за М-Нет телевизија посочи дека од понеделник се очекува сите ковид пациенти да бидат пуштени на домашно лекување, бидејќи се во добра состојба.
Идентична ситуација како и во претходното деноноќие и во Клиничка болница Штип. Вкупно хоспитализирани во модуларната ковид болница се 19 пациенти, од нив 8 имаат потреба од кислородна поддршка, а слободни се 28 кревети, истакна потпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.
Притисокот врз болниците значително опаѓа, бројот на новозарзени пациенти во нашата држава е под еден, а во меѓувреме расте бројот на лица кои примиле барем една доза вакцина. Наредната недела ќе се разгледува и можноста да не биде задолжително носењето на заштитна маска на отворено. Засега остануваат на сила постоечките мерки и протоколи за заштита од невидливиот непријател, како и полицискиот час од полноќ до четири часот наутро, до 1 јуни.
Според информации од Министерството за здравство досега во земјата се направени вкупно 779.581 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.071, бројката на оздравени пациенти е 147.043, на починати е 5.342, а бројот на активни случаи изнесува 2.686.
Лаура Стојанова М-Нет