
Учесници од Македонија и од странство, мажи и жени, млади но и повозрасни учесници беа дел од деветтото издание на Струмина трејл. На патека во должина од 19 километри, во тешки услови годинава заради снегот, околу 200 учесници успешно ја завршија трката. Благоја Ацковски трчаше на 71 година и вели чувството е прекрасно иако оваа година условите биле исклучително тешки.
„Оваа трка Струмина ја трчам од почеток, интересна е. Овој пат имаше доста снег, ама добра беше и мислам дека треба да се ужива. Сега за прво место меѓу најмладите не можам ама секогаш сум во прва третина од сите тркачи.“ – вели Ацковски.
По вторпат оваа година на трката имаше учесници и од Полска. Задоволни од организацијата велат догодина се надеваат дека ќе трчаат повторно.
„Многу сум среќен што сум дел од трката, прекрaсен амбиен, трчам вторпат на оваа трка, но беше малу комплицирано оваа година имаше многу снег. Така да се трчаше, на места се пешачеше, се обидовме да го задржиме балансот. Теренот е добро обележан, како што споменав бев и претходната година добра е организацијата и се надевам и сакам да дојдам повторно“ – вели Пеат.
Прва жена на трката беше Вера која во оваа прилика порача дека масовноста треба да биде што поголема во наредните години.
„Бев прва жена на трката, сакам да споделам дека долги години се занимавам со овој спорт и ви го препорачувам да го пробате.“ – додаде Ударевска.
Трката и оваа година го задржа форматот од околу 19 километри должина и 750 метри висинска разлика.
Лаура Стојанова М-Нет