Проодни патните правци во Истокот, од Македонија пат децидни – снегот не беше изненадување

Со 153 тони сол и 223 метри кубни ризла Македонија пат подружница Штип реагираше за сите патни правци под нивна надлежност денеска да бидат проодни. Снегот се чистеше веднаш, потенцира раководителот Влатко Цоневски, кој е дециден дека за нив снегот не бил изненадување. Сите пунктови се снабдени со доволно количини на сол, ризла и песок согласно програмата што значи дека се подготвени за престојната зимска сезона и наредните врнежи од снег.

„Моментално сите патни правци кои се во надлежност на Македонија пат – подружница Штип се проодни со црни коловози, посолени на осојните места и се врши чистење на налети од вчера кои се појавиле. Немаме никакви проблеми на ниту еден пат или патен правец кој е во наша надлежност. Сите зимски пунктови према програмата имаат свои количини на сол и ризла. Инаку со последниот снег потрошени се 153 тони сол и 223 метри кубни ризла. Кај нас не важи тоа „Македонија пат ги изненади снегот во јануари или ноември“ , навреме реагираме – вели Цоневски.

Дека Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, соопштуваат и од Авто мото сојузот на Македонија. Од таму потсетуваат дека од 15.11.2023 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2024 година. АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Лаура Стојанова М-Нет