67-годишен жител на с. Тркање, кочанско, го изгуби животот во вчерашната сообраќајна несреќа

Од СВР Штип со повеќе информации за вчерашната сообраќајна несреќа која се случи во близина на с. Долни Балван. Од таму потврдуваат дека несреќата се случила помеѓу две патнички возила, а смрт на лице место била констатирана кај 67-годишен жител од кочанското с. Тркање. Во Клиничка болница Штип биле пренесени уште пет лица со телесни и тешки телесни повреди.

„На 20.07.2022 во 14.45 часот во СВР Штип било пријавено дека на магистралниот пат Штип-Кочани, на 1 км. од с. Долни Балван, општина Карбинци, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „цитроен саксо“ со штипски регистарски ознаки, управувано од Г.Т.(67) од с.Тркање, кочанско и патничко возило „сеат толедо“ со штипски регистарски ознаки, управувано од А.Д.(35) од Штип. На местото на несреќата починал Г.Т., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Со тешки телесни повреди се здобил возачот А.Д., како и сопатничките од неговото возило С.С.(57), Ј.М.(59) и К.А.(42), сите од Штип. Тие биле пренесени во Клиничката болница Штип за укажување лекарска помош. Додека, со телесни повреди се здобила Л.П.(54), констатирани исто така во Клиничката болница Штип. Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Штип во присуство на Јавен обвинител.“ – стои во писменото соопштение од СВР Штип.

Во врска со состојбата на лицата со тешки телесни повреди информираа и од Клиничката болница Штип. Портпаролот, Марина Шуманска, вели дека две од лицата се на Хирургија, едно е на Ортопедија, а едно од лицата е пренесено во болница во Скопје.

Ова не е прва сообраќајна несреќа на оваа делница, патот Штип – Кочани по целата своја должина има неколку црни точки кои веќе одзеле неколку животи.

Ребека Спасова М-Нет