65% од граѓаните платиле данок на имот во Штип, за другите се изготвуваат решенија за присилна наплата

Околу 15% од приватните и физички лица ги подмириле сметките за данок на имот во Штип, во последните два месеца од годината. Со последните направени пресметки наплатата за 2022 година е 65%. Од Општина Штип истакнуваат дека се задоволни од наплатата, со оглед на фактот дека претходната 2021 година наплатата беше значително намалена, заради ковид пандемијата, но и заради неспроведувањето на присилна наплата на данок на имот.

„По однос на решенијата од 2022 година за данок на имот за правни и физички лица од вкупно планирание 43 милиони денари до сега наплатени се 28 милиони денари или тоа е 65% од решенијата. Во однос од решенијата за данок на имот од претходните години од 49 милиони денари колку што сме имале за наплата до сега наплатени се 24 милиони денари и за наплата остануваат уште 25 милиони денари.“ – вели Каров.

Присилната наплата на данок на имот дава резултати и има ефект. На пример почетокот на 2021 година за наплата имало 54 милиони денари, крајот на годината завршува со зголемени побарувања односно 59 милиони денари. Во оваа година нема спроведување на присилна наплата. Наредната 2022 година започнува со 59 милиони денари за наплата, а завршува со 25 милиони денари. Ефектот од присилната наплата е 50%. Опомени за претходната година веќе се изготвуваат.

„За решенијата од 2022 година сега во наредниот период ќе се изготвуваат опомени. Граѓаните ако не постапат по тие опомени ќе се оди кон најнепопуларната мерка, а ако постапат нема да има потреба од присилна наплата. Присилната наплата има ефект бидејќи претходните години немало наплата, а сега таа е околу 24 милиони денари.“ – додава Каров.

Средствата собрани од данок на имот завршуваат во Буџетот на Општина Штип и се користат за капитални прокети, како изградба на улици, булевари и тротоари, реконструкција на водоводни и канализациони мрежи, реконструкција на спортски и детски игралишта и слично.

Лаура Стојанова М-Нет