600 закажани термини за ревакцина во Штип

Најмногу закажани ревакцини и намален интерес за прва доза е денешната статистика на пунктот за вакцинација во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип. Зголемениот број можеше да го забележи и нашата камера. До 11:30 часот таму беа аплицирани скоро една третина од ревакцините, а граѓаните сè уште доаѓаа согласно закажаните термини.

„За денес има закажано околу 600 ревакцини со тоа што до сега има околу 200 коишто се комплетно завршени. Исто така, интересот за прва доза полека опаѓа, немаме многу голема заинтересираност за први дози за овој ден. Интересот е намален, иако има и задоволителен број на луѓе коишто се имунизирани делумно или комплетно“, извести заменик координаторката за вакцинација, Мартина Манчова.

Медицинските лица сметаат дека согласно статистиките кои ги имаат не може да се каже дека е вакцинирано поголем дел од населението, но сепак бројот е задоволителен.

„Делумно, да. Уште не може да се каже дека е голем број поради самото тоа што има доста прележани скоро, некои коишто се скоро инфицирани и исто така имаше еден задоволителен број“, додаде Манчова.

Бројот на граѓани кои дневно доаѓаат за прва доза, сметајќи ги сите пунктови во државата, е константен и изнесува 2-3 илјади. Досега две дози вакцина примиле скоро 600.000 граѓани.

Ребека Спасова МНет