ВМРО ДПМНЕ: Колку пари се трошат за вработување под државна капа? Општина Штип: Сè е транспарентно!

Привремените вработувања во државната администрација – тема на денешната прес – конференција на ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип. На истата истакнаа дека со наближувањето на локалните избори, паралелно се зголемувале и финансиските средства кои Општината ги исплаќала на компаниите за привремени вработувања.

„Додека граѓаните од текстилната индустрија работат неплатено, а семејната компанија на градоначалникот преку ноќ отпушта вработени, Општина Штип масовно вработува луѓе под државна капа. Во јануари, Општината потрошила околу 440.000 денари за привремени вработуваа, но како се доближуваме до локалните избори, сумата се дуплира и во Август на компанија за привремени вработувања се исплатиле дури 820.000 денари. Во интерес на транспарентноста и отчетот пред граѓаните, го повикуваме Градоначалникот на Општина Штип да излезе на прес – конференција и да ги објави сите договори за привремени вработувања склучени од 23.12.2020 година, заклучно со денес“, се вели во реакцијата на ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип.

На ова додадоа дека доколку Градоначалникот не одоворел на повикот, тие ќе излезеле со претходнонаведените информации добиени преку барање за увид во документација врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Од Кабинетот на Градоначалникот, пак, посочија дека увид во таквите информации може да има секој кој е заинтересиран да ги знае.

„Целата постапка е јавна и транспарентна, кој сака и кој мисли, може да има увид во сите документи, затоа што Општина Штип работи јавно и транспарентно и во интерес на граѓаните“, стои во одговорот од Кабинетот на Градоначалникот.

Ребека Спасова МНет