Штипјанецот Ване Јованов со трансфер во Унгарија: од Вараждин во Шпари

Македонскиот фудбалер Ване Јованов официјално ја продолжува својата интернационална кариера во Унгарија, откако од хрватскиот НК Вараждин се пресели во редовите на Nyíregyháza Spartacus FC, популарниот Шпари.

На промотивната објава на унгарскиот клуб, Јованов е претставен како ново засилување во дефанзивната линија. Станува збор за 27-годишен фудбалер, репрезентативец на Македонија, кој настапува на позицијата десен бек, висок 1,77 метри. Клубот од Нирегјхаза јасно ја истакнува неговата интернационална припадност и искуството стекнато надвор од домашното првенство. Во македонското првенство, меѓу другите, има настапувано за штипска Брегалница, Вардар, Брера, Победа и Каменица Саса.

По настапите во хрватската Прва лига со Вараждин, каде што Јованов се наметна со стабилни и дисциплинирани партии, следува нов предизвик во унгарскиот фудбал. Nyíregyháza Spartacus FC во актуелната сезона има амбиции за резултатска стабилност и зацврстување на ростерот, а ангажманот на Јованов се вклопува токму во таа стратегија.

За Јованов, овој трансфер претставува уште еден значаен чекор во кариерата и можност за докажување во ново првенство, додека македонскиот фудбал добива уште еден интернационален претставник во европските лиги.