
Во координирана и добро организирана акција на Министерство за внатрешни работи, денеска е одземено уште едно возило на територијата на планината Плачковица, во атарот на Радовиш. Акцијата е дел од засилените активности за сузбивање на нелегалните и девијантни појави кои сериозно ја загрозуваат животната средина и безбедноста на граѓаните.
Информацијата ја соопшти Кире Михаилов, заменик директор на ЈП Национални шуми, кој потенцира дека институциите се цврсто решени во краток рок да ја стабилизираат состојбата не само на оваа критична локација, туку и на сите места низ државата каде што се евидентирани слични појави.
„Овие поединци не само што нанесуваат директна штета врз животната средина, туку претставуваат и сериозна закана за безбедноста на граѓаните кои секојдневно се движат по патиштата“, истакна Михаилов, додавајќи дека ваквите активности нема да бидат толерирани.
Од ЈП Национални шуми порачуваат дека остануваат целосно посветени на спроведување на своите законски обврски, но и на, како што велат, хуманата должност кон граѓаните на Македонија – заштита на природата, шумските богатства и јавната безбедност. Акциите против еколошкиот криминал, според најавите, ќе продолжат со засилено темпо и во наредниот период.
