40% намалување на малолетничката деликвенција во Кочани за 2022 година

85% од кривичните дела кој се сметаат како малолетничка деликвенција во Кочани се кражби и тешки кражби. Два случаи се насилство, а по еден случај има употреба на исправа со невистинита содржина, прикривање и измачување животни. Ова е дел од Извештајот на ОВР Кочани за 2022 година, кој бележи на малолетничката деликвенција за околу 40%.

„Најголемиот број на деца извршители на кривични дела во текот на 2022 година се од ромска популација и најчесто се повторници во извршување на криминалните постапки. Девет деца се сторители на две или повеќе кривични дела, а од нив шест се под четиринесетгодишна возраст. При извршувањето на кражбите тие користеле сила, совладувале препреки или на друг начин насилно дејствувале врз објектите кај кои се извршени кражбите. Карактеристично е што во извештајниот период има пораст на бројот на сторители на возраст под 14 години.“, се истакнува во писмената информација од Одделението за внатрешни работи – Кочани.

Промени во бројот на малолетници нема кај нарушувањето на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот. Тројца учествувале во тепачки, а 18 го прекршиле Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, односно управувале моторно возило без возачка дозвола, возеле мопед без заштитен шлем или немале возачка потврда. При акциските контроли за спречување на присуство на малолетници во угостителски објекти по полноќ, полициските службеници откриле четири прекршоци.

Заради поефикасно превентивно дејствување и спречување на девијантните однесување кај децата, полицијата до Центарот за социјални работи во Кочани испратила барања за постапување и преземање заеднички законски мерки против 21 малолетен престапник.

Ребека Спасова М-Нет