3.000.000 денари штета од поплавата во СОУ „Гошо Викентиев“ во Кочани, случајот ќе оди на суд

На суд ќе се сретнат изведувачот и училиштето „Гошо Викентиев“ по три милионската штета од поплавата. Откако санацијата на кров во декември беше причина целосно да се уништи компјутерската опрема, дел од инвентарот и електричната инсталација, проценителот ја утврди штета. Како што рече градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, кој кога се случи поплавата беше воздржан и ја чекаше процената, спогодба меѓу училишното раководство и изведувачот нема, па најверојатно ситуацијата ќе се надминува по судски пат.

„Во процесот на реконструкција на кровот во СОУ „Гошо Викентиев“ настана поплава заради тоа што процесот на влегување на реализација и работите на санација на кровот не беше испочитуван. Настаната е голема материјална штета. Од страна на училиштето беше одбран овластен проценител, при што беше утврдена висината на штетата, која е околу 3.000.000 денари. Од страна на училиштето беше понудена можност за спогодба со изведувачот за да се надмине постоечката состојба, но немаше слух за сето тоа и очекувањата се дека исходот ќе мора да се бара по судски пат“, истакна Папазов.

Дел од опремата целосно уништена, дел се’ уште може да се користи, покажува процената. Сепак, просториите се’ уште се нефункционални, а наставата се одвива во останатите училници кои не беа поплавени.

„Компјутерската опрема е целосно уништена, нешто од клупите, од инвентарот, веројатно, ќе може да се користи. За тоа ќе оставиме да одлучат органите во самото училште. Наставата се’ уште не се одвива во тие простории каде што беше настаната поплавата и штетата, тие се изолирани и надвор од употреба. Останатата техника и опрема со која располага училиштето е доволна за непречено одвивање на наставниот процес“, додава Папазов.

Вториот кат на средното електро – машинско училиште беше целосно поплавен иако отворениот кров бил заштитен. Во училиштето неколкудена 650 ученици следеа онлајн настава, по што со редовна настава почнаа на првиот кат. Директорот Спирко Златков само една недела по назначувањето требаше да се справува со најголемата хаварија во училиштето, велеше дека не го знае договорот, ниту кој дал дозвола кровот да се реконструира во зима. Од компанијата – изведувач, пак, уште тогаш беа со став дека се преземени сите мерки за заштита согласно со стандардите.

Договорот беше потпишан помеѓу компанијата и претходното раководство, а неговата вредност е 5,9 милиони денари за извршување на работите во рок од четири месеца.

Ребека Спасова М-Нет