
Караванот за одбележување на Меѓународниот ден на Ромите денеска почна од Штип. Настанот кој се организираше денес, а кој ќе биде организиран и во други општини има за цел да стави акцент на подобрувањето на условите и спроведување на правата на лицата од ромската заедница.
„И тука првпат ќе ја читаме Декларацијата за 8 Април, којашто Мрежата на трајни системски решенија ја донесе. Се надеваме дека таа ќе биде усвоена од страна на Владата и Собранието, а и сите Локални самоуправи ќе дадат придонес. Ако зборуваме за проблемите, ги имаме секогаш проблемите. Денеска е убав ден, да славиме! Да го кажеме она што е неопходно за да ги поттикнеме младите, да ја кажеме историјата, да го кажеме она што ни е неопходно за иднината. Секогаш се јавуваат проблеми, но јас сум уверен дека градоначалникот ќе го даде својот максимум за да се испочитува сè она што е дадено по програмата“, истакна Димов.
Според градоначалникот Јорданов, Општината веќе прави сè што е во нивна можност, а што ќе покаже дека Локалната самоуправа се грижи за оваа и сите останати заедници во Штип. Дел од проектите сè уште се планираат, а останатите веќе се во фаза на реализација.
„Работиме на подобрување на инфраструктурата, на спроведување и реализација на проектот типски куќи за згрижување на најранливите категории од оваа заедница, но во фаза сме и на реализација на неколку улици коишто гравитираат или се во самото ромско маало. Со тоа на директен начин ќе покажеме дека се грижиме за заедницата. Секојдневно во нашето општество работиме и на други проекти за да ги интегрираме сите заедници вклучувајќи ја и ромската заедница“, истакна Јорданов.
Заклучокот е дека преку поголема комуникација помеѓу надлежните за сите нешта кои се случуваат, ќе се помогне на државно и локално ниво на Ромите кои што живеат во земјава.
Ребека Спасова М-Нет