14 медицински лица од инфективното одделение во Штип се во самоизолација

Двајца инфектолози, осум медицински сестри и четворица болничари од Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип се во самоизолација, бидејќи имале контакт со пациентка на одделението, со негативен корона тест и со дијагноза бронхопнеумонија, која по влошување на состојбата и новиот брис, се потврдило дека е позитивна на корона вирус. Директорот на штипската Клиничка болница Ален Георгијев изврши реорганизација на медицинскиот кадар, како би имало услови за нормална работа на инфективното одделение, каде од утре доаѓа на помош инфектолог од Струмица.

Новиот распоред за работа на лекарскиот кадар и медицински сестри предизвика незадоволство кај дел од персоналот во штипската болница, од каде се сомневаат на нивото на обука на лекарите на замена во ова одделение во поглед на нивната стручност во инфектологијата и посебно во поглед на стручноста околу справувањето со коронавирусот и личната заштита.

„Штипската клиничка болница располага со околу 40 специјализанти од различни области од кои неколку се законски ослободени, додека  дел од останатите се заштитени а дел испратени да дежураат на инфективно одделение. Зошто е оваа селекција и дали веќе поставените специјализанти се квалификувани за справување со кризата со коронавирусот проценете сами. Специјализантите кои се поставени за дежурства на инфективно одделение ги прифатија работните обврски и веќе неколку дена се појавуваат на новото работно место, одговарајќи на висина на задачата за која вопшто немаат квалификации, имено секаде во светот со оваа состојба се справуваат инфектолози, потоа интернисти и анестезиолози како најсоодветни за решавање на компликациите кои може да произлезат од инфекција со КОВИД 19.“ стои во анонимната дојава која на адреса на mnet.mk пристигна денес.

Ставот на директорот на КБ Штип, Д-р Ален Георгијев по ова прашање е дека лекарите со други специјализации кои ќе ги заменуваат инфектолозите во наредниот период нема да имаат контакт со пациенти со ковид-19, со овие пациенти ќе работат исклучиво инфектолози. Прераспределените лекари ќе бидат на услуга на пациенти со други заразни заболувања, вели Георгијев, притоа нагласувајќи дека секој лекар е едуциран да лекува секакви заболувања и трауми, па во таа насока медицинскиот кадар не треба да стравува дека нема да биде на висина на задачата.

Славица Величковска