12 екипи ќе се натпреваруваат во Трета лига – Исток следната сезона, Рудар од Пробиштип и Победа од Валандово повратници!

Во новата сезона од Третата македонска фудбалска лига – Исток ќе се натпреваруваат 12 екипи, две повеќе од лани, што значи и повеќе натпревари односно по 11 кола во есенската полусезона и 11 кола во пролетниот дел за вкупно 22 кола, во однос на минатата сезона кога се одиграа 18 кола.

Две екипи се повратници се работи за Рудар од Пробиштип кој по една сезона пауза се враќа во Трета лига – Исток, а пак Победа од Валандово по неколку години пауза одново е третолигаш.

Во новата сезона ќе се натпреваруваат Вардарски кој по една сезона во Втората лига се враќа експресно во третолигашкото друштво, потоа Брегалница од Делчево, Овче Поле од Свети Николе, Карбинци, Дојранско Езеро, Хоризонт Турново, Тиверија од Струмица, Ударник од Пирава, Победа Валандово, Рудар, Малеш од Берово и екипата на Светлост од Зрновци.

Иако екипите на Тиверија и Ударник требаше да испаднат од лигата бидејќи минатата сезона завршија на десетото односно деветото место со одлука на Управниот одбор е одлучено да не испаѓаат односно да останат во лигата, а пак Победа Валандово и Рудар од Пробиштип со одлуката на Управен одбор се нови третолигаши.

Минатата сезона од Трета лига – Исток преку бараж во Втора лига влезе Слога Виница која беше шампион. И во новата сезона нема да има директен влез, туку шампионот ќе треба да игра бараж за влез во Втора лига.

Новата сезона според нашите информации ќе започне на 7 септември (недела).

Исто така, според нашите информации седиштето на Третата македонска фудбалска лига – Исток останува во ОФС Кочани.

Александар Ванев, М-Нет