Ќе стане ли тврдината Исар заштитено културно наследство?

Тврдината Исар – погодно место за туристички комплекс и заштитено културно наследство. Ваков е ставот на директорот на НУ Завод и Музеј Штип, Митко Штерјов. А истиот дополнително се потврдува со тоа што тие веќе имале изготвено проект за таа цел. Меѓутоа, пречката за негова реализација е пред сè недостатокот на финансиски средства.

„Во нашата држава постојат неколку локалитети кои што навистина заслужуваат потреба да добијат поголем третман и поголема финансиска поддршка за да можеме ние да ги одржуваме и да ги конзервираме тие објекти, бидејќи ние колку и да даваме средства, колку и да трошиме средства на конзервација ако тие со тек на време не успат да имаат поврат на целата таа работа каде што ние ќе привлечеме туристи“ – истакна Штерјов.

Според директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов, проблемот е во менаџирањето на таквите локалитети кое треба да биде во насока на современост. Правилното постапување по тој однос би донело многу придобивки за градот, меѓу другото и финансиска добивка.

„Многу работи кај насе се на хартија спремни со проекти за конзервација, меѓутоа недостатокот е веројатно на нашата умешност како тоа да го искористиме. Тоа подразбира дека потребен е мултидисциплинарен пристап во вака големи проекти како што е Исарот, каде изобилува да речеме со и внатрешно свои споменици како што е црквата, пешачки патеки“ – додаде Костов.

Во контекст на финансирањето, Министерката за култура, Ирена Стефоска, посочи дека оваа година се одвоени повеќе средства за културното наследство од која било претходно. Меѓутоа, она што е реализирано ќе се види на крајот на годината.

Ќе се обезбедат ли потребните финансиски средства и за тврдината Исар да стане заштитено културно наследство? Прашањево останува отворено сè додека ваквиот проект не стане тема на разговор на Владина седница или во Општината.

Ребека Спасова М-Нет