
Анализа на Ромското население ќе се направи во Штип, со цел да се покаже вистинската бројка на Роми кои живеат на територијата на Општина Штип. Првиот сет податоци од пописот 2021 кои излегоа на 31 март годинава, не ја покажуваат вистинската слика за бројот на Ромското население, вели Ерол Адемов од Општина Штип.
„Во рамки на самиот проект ние имаме предвидено да направиме една анализа на вкупното Ромско население во нашата Општина. Од овој месец започна имплементацијата на оваа активност и ќе трае конкретно до сите Ромски семејства кои живеат во Штип да ги попишеме во однос на нивните социјални и демографски работи кои ги има во самите семејства и на тој начин да укажеме дека ДЗС има направено еден голем пропуст во нашата општина. Голем дел од Ромската заедница не беа попишани на пописот, голем дел од нив не беа посетени“ – вели Адемов.
Анализата започна во месец март и до крајот на мај би требало попишувањето да заврши и да се знае вистинската бројка на Роми кои живеат на територијата на Општина Штип.
„Започнато е од месец март, се надевам дека, бидејќи сега е Рамазан, постот, луѓето кои ги ангажиравме се Роми и постат така да ќе биде со забавена динамика, но се надевам дека до крајот на мај ќе завршиме со попишување на целото Ромско население кое живее во Штип“ – додаде Адемов.
Според Адемов сите граѓани во рамки на државата заслужуваат да имаат еднаков пристап и еднакви права.
Лаура Стојанова М-Нет