
Поевтинување на тестенините, млекото, урдата, сирењето, најави министерот за економија, Крешник Бектеши. Одлуката за замрзнувањето на цените ќе се носи утре, иако се очекуваше Владата да не носи ваква одлука за други прехранбени производи. Бектеши објаснува дека се прават обемни анализи, а до производителите и увозниците испрати последна опомена во однос на намалување на цените.
„Во комуникација сме, ги известив дека до утре ќе чекаме нивни одлуки. Во случај да се примети дека нема намалување, ние ќе донесеме мерка. За тестенини, и со нив сме во комуникација, сами покажаа интерес и таму намалувањето ќе биде многу големо, со што ќе бидеме поконкурентни во регионот. Оние тестенини кои моментално се продаваат по 51 денар нема да бидат повеќе од 44 денари, а оние кои се по 60 денари нема да бидат повеќе од 52 денара. Оваа недела зборуваме за тестенините, при крај е анализата за млечните производи, а јас очекувам да се следи примерот од една компанија која денеска излезе со пониски цени од страна на другите производители на млечни производи. Ако во случај не се следи тогаш до крајот на неделава ќе има одлука за млечните производи.“ – посочи Бектеши.
На маслото за јадење од сите домашни производители се очекува цената во наредните 10 дена да биде под 100 денари. Претходно се замрзнаа цените на белиот и полубелиот леб, поради што производителите два дена не ги испорачуваа. Наложено им беше да го прават тоа, па тие го вратија лебот на рафтовите, ама најавија и тужба за загубите. Бектеши, пак, саркастично им одговори дека наместо една очекува две тужби. Ваквите мерки следуваат откако дел од прехрамбените компании користеа субвенционирана струја, но за возврат или не ги поевтинија производите, или минимално ги намалија цените.
Ребека Спасова М-Нет