
Барањето и извештајот за одземање на Б-интегрираната дозвола за фирмата САНС-АГ, која користи отпадни гуми за да произведе мазут, пристигна во Општина Штип. Државниот инспекторат за животна средина инспекциски надзор изврши пред еден месец и по вторпат бара од Општината да ја одземе дозволата, бидејќи инспекторите имаат утврдено низа неправилности. Софче Трајкова, советник за заштита на животната средина во Општина Штип, истакна дека писмото од Државниот инспекторат го добиле токму денеска.
„На денешен ден добив допис, којшто е влезен во Општина Штип и е доставен до мене како соработник за заштита на животната средина. Инаку, Дописот е од Државен инспекторат за животна средина, на лице место ја имаат констатирано состојбата од увидот, за другиот дел од дописот мора убаво да се разгледа, бидејќи јас истата Б дозвола мора да ја погледнам, по што ќе дадам соодветна информација и до вас медиумите“, вели Трајкова.
Погонот на САНС-АГ се наоѓа на осум и пол километри од центарот на Штип и на само два километри од селото Пенуш. Директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски, пред неполн месец на прес-конференција изјави дека по извршен надзор од Царинската управа на нивен производ без дeкларација и серификат за состав, биле земени мостри и утврдено e дека се токсични за луѓето и за околината. Посочи дека во февруари годинава и ДИЖС извршил вонреден надзор и дал налог фирмата да направи мерења во лабораторија, во присуство на нивен инспектор. Откриле неправилности и кај Б- интегрираната дозвола на, зашто е издадена на парцела предвидена за пасиште и дека е без гранични вредности за емисии во воздухот. Од Граѓанската иницијатива „О2“ наведуваат дека во јуни 2021 и Државниот пазарен инспекторат доставил допис до ДИЖС за покренување постапка за одземање на лиценца на САНС-АГ, поради производство на производ кој го декларираат како мазут, а не соодветствува со параметрите на мазут, што е спротивно на Правилникот за квалитет на течни горива. ДИЖС изрекува барање и за забрана за работа на фирмата, покрај барањето за одземање на Б-интегрираната дозвола.
Ребека Спасова М-Нет