Ќе се бетонира крак од улица „АСНОМ“, предвидена и поддршка во образованието на Ромите

Бетонирање на крак од улицата „АСНОМ“ е активноста во која ќе учествува Општина Штип, а која е проект финансиран од Европската Унија. Станува збор за проект кој е во рамки на програмите за подобрување на условите за живот на ромското население, конкретно во овој дел од населбата Света Недела за околу 300 ромски семејства.

„Да се одобрат средства за кофинансирање за учество на проектот бетонирање на улица „АСНОМ“ во населба Света Недела и пост-ковид активности за туторство на возрасни и децата Роми во рамки на „Рома Актет – Фаза 2“, програмата којашто е финансирана од страна на Европската Унија и Советот на Европа. Вкупниот буџет на проектот е 14.942,68 евра, од Општина Штип се бара да учествува со 30.070 денари. Целта на самиот проект е бетонирање на крак од улицата „АСНОМ“ во должина од 41 метар, каде живеат околку 300 ромски семејства“, вели Адемов.

Во рамки на програмата за пост-ковид активности ќе се ангажираат и консултант и тутори за деца и возрасни во основното и средното образование. Ваквите активности се преземаат со оглед на фактот дека 8% од ромското население во Штип е само со основно образование, а 33% немаат никакво образование.

„Ангажирање на консултант и тутори за поддршка на ученици Роми од второ, трето и четврто одделение во основното образование во Општина Штип и за дооформување на средно образование за возрасни лица Роми од Општина Штип. Оваа активност се имплементира како дел од акцијата како пост-ковид мерки за превенција и опоравување во образованието за деца и возрасни и поради тоа бараме да се донесе Одлука од Советот“, додава Адемов.

Ова се само дел од активностите кои се реализираат за подобрување на условите и положбата во секој сегмент. Во изминатиов период беше најавен и проект за вработување на Ромите кои се враќаат од западноевропските земји со цел да се намали невработеноста кај ромската популација, а и да се зголемат нивните права. Досега се реализирани неколку обуки, а предвидени се и работилници, имајќи предвид дека речиси 25% од невработените лица на територија на општина Штип се од ромска националност.

Ребека Спасова М-Нет