
Општина Штип мора да го реши проблемот со сегрегацијата на ученици Роми. Ова како обврска произлегува од Пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, со која било утврдено дека државата е виновна, а и Законот допушта можност за сегрегација. Од една страна пропишува да се почитува реонизацијата, а од друга страна не го ускратува правото родителот сам да одбере во кое училиште ќе учи неговото дете. Затоа Општината изготвува Акциски план чија примарна цел е да ги распредели учениците Роми и во другите основни училишта освен во училиштето „Гоце Делчев“, а овде да се добијат повеќе мешани паралелки.
„Конкретни активности од овој Акциски план се донесување на Акт за нова реализација за основните општински училишта, што би значело нова распределба на реоните во градот со што би се добило ново оптимално и правилно распоредување на учениците. Посебно би се очекувало опфат на деца од македонска националност во „Гоце Делчев“ и деца од ромска националност во останатите општински училишта. Втората активност е дополнување на Правилникот за запишување, а третата активност е спроведување на јавна трибина со цел менување на јавната перцепција на ООУ „Гоце Делчев“ како ромско училиште“, посочи Снежана Санева, раководител на Одделението за образование.
И со претходната реонизација имало обид за решавање на проблемот, но како таква не го решила, туку само го продлабочила. Сега во училиштето „Ванчо Прке“ има проширување на реонот кон населбата Леваци, дел од улиците „Пиринска“ и „Сутјеска“ влегуваат во училиштето „Тошо Арсов“, а компромисно решение има и помеѓу училиштата „Гоце Делчев“ и „Димитар Влахов“ во однос на делот кој е претежно со ромско население. Проблемот кај „Димитар Влахов“, пак, е тоа што реонот е најгусто населен и училиштето брзо се пополнува, па прашање е дали во наредните години ќе може да ги прими сите ученици.
„Спорен, односно дискутабилен беше делот со разграничувањето на улицата „Косовска“ и „Радански пат“, бидејќи сега овие две улици претрпеа промена на своите имиња. „Радански пат“ сега е ул. „Черења“, а улицата „Косовска“ не постои како таква, туку е преименувана на неколку улици, повеќе помали краци. И овде се најде едно компромисно решение за основните училишта „Димитар Влахов“ и „Гоце Делчев“ и се направи разграничување на овој реон кој е населен со чисто ромско население“, вели Соња Николова, советник за основно образование.
Проблемот со одлевањето на учениците од македонска националност од училиштето „Гоце Делчев“, а со тоа и формирање чисто ромски паралелки се зголемил во учебните години 2017/2018 и 2018/2019. Во првава биле создадени три паралелки во прво одделение, од кои две мешани и една само со Роми. Тогаш процентот на ученици Роми бил 64, а следната 67. За Пресудата од Европскиот суд државата треба да ги подмири трошоците во висина од 1200 евра по лице коешто е дел од Пресудата, а ваква Одлука има за уште едно училиште во Битола.
Ребека Спасова М-Нет