
Неколку краци и улици во штипска Чардаклија се подготуваат за да се асфалтираат. Во наредните денови треба да се нанесе и првиот асфалтен слој со што жителите од ова населено место до своите домови нема да одат по кал и прашина. Дополнително, предвидено е поставување на детско катче со детски реквизити, како и поврзување на населбата Чардаклија со населбата Балканска со изградба на нови тротоари.
„Овде се започнати припреми за асфалтирање на неколку краци од улици. Вкупната сума која е одвоена за Чардаклија е околу два милиони денари. Очекувам и детски реквизити и детско катче да биде поставено веднаш до училишниот двор. Населбата Чардаклија ќе се поврзе со населбата Балканска со изградба на тротоарска површина“ – вели Јорданов.
Освен во населбата Чардаклија во наредниот период ќе се работи во неколку населени места, посочи градоначалникот Јорданов. Согласно проектот „Штип без кал“ ќе се овозможи подобар пристап на граѓаните до нивните домови.

„Населбата Балканска, Три Чешми, Драгоево, Долани ќе бидат опфатени во наредниот период и неколку краци во Општина Штип ќе бидат асфалтирани по барање на жителите, како на пример крак на улицата Панче Караѓозов. Во самиот проект Штип без кал ќе бидат опфатени неколку населени места со што ќе се овозможи нормален пристап до домовите на граѓаните“ – додава Јорданов.
Јорданов посочи дека ова лето ќе има најмногу работа на терен, засилена динамика на асфалтирање и активности по барање на жителите.
Лаура Стојанова М-Нет