
Ќе добие ли ЈП „Исар“ помошник-директор? Новиот директор на ЈП „Исар“, Трајан Коцев, го формира организациониот тим, па во планот за вработувања планира помошник-директор и советник за технички прашања. Советот го усвои предлогот со мнозинство гласови, ама Коцев засега вели дека е нејасно дали овие работни места ќе се пополнат и тоа ќе се утврди согласно со потребите.
„Јас би сакал да истакнам дека ЈП Исар е динамично претпријатие коешто има околу 340 вработени, има седум сектори. Сега веќе десетина дена откако сум дојден на ова работно место, го формирам тимот и сметам дека во планот за вработување е добро да стојат и овие две позиции, помошник-директор и советник за технички прашања. Сето ова е план, може да дојде до пополнување на овие работни места, а може и да не дојде“, истакна Коцев.
Позицијата помошник-директор е ставена и во планирано пополнување преку унапредување и преку ново вработување, па Коцев вели дека ако дојде до оваа работна позиција, не мора да значи дека ќе вработат нов човек, туку на истата може да се дојде и од внатрешноста на претпријатието, кое, според него, има квалитетен кадар. Истовремено, во новиот усвоен план за вработување стои дека 30 лица имаат најавено заминување или пензионирање, што според координаторката на советничката група на СДСМ е несериозно, бидејќи нема ни конкретен датум кога тие лица би се пензионирале.
Измените и дополнувањата на планот за вработување на ЈП „Исар“ доаѓаат по претходно усвоениот план од 15.8.2022 година, поминат на Управниот одбор и Советот на Општина Штип.
Ребека Спасова М-Нет