
Наредната недела се очекува соседна Србија да ја тргне забраната за извоз на сурово масло за јадење за македонските компании. Смирувачки тонови доѓаат по разговорот меѓу македонскиот министер за земјоделство и потпретседателот на Владата на Србија. Завчера се крена рампата само за пченицата и пченката, па македонските компании кои произведуваат зејтин мораа да тражат алтернативни пазари за набавка на суровина.
Според најголемиот македонски производител на масло за јадење, штипски Брилијант ова е добра вест, дополнително почнале и преговори со Бугарија и Украина. Од Бугарија набавиле 600 тони, а од Украина добиле една цистерна за да го пробаат производството. Сметаат дека е високо квалитетно. Според нив доколку од Србија почне испораката на договорените количини, во тој случај зејтин ќе има во доволни количини наредните месеци. Тие произведуваат исти количини, како и пред кризата.
„ Ние на пазарот испорачуваме константни колични од нашето масло за јадење, но потрошувачката е неколкукратно повисока од вообичаено, па маслото брзо го снемува од рафтовите. Што се однесува до продажната цена, за очекување е таа да порасне. Тоа не зависи од нас туку од покачувањето на цените на суровините. Ако Србија ја тргне забраната, тоа зголемување ќе биде помало, бидејќи во Бугарија цената на суровото масло е повисока.“ вели Коста Ташков, директор на „Брилијант“.
Ресорниот министер најави и дека со субвенции ќе се зголеми домашното производство на сончоглед, а со пари од Интервентниот фонд ќе се субвенцинира ѓубривото. Во овчеполскиот регион порано сончоглед се одгледуваше на 2.000 хектари, а сега само една третина од овие површини.
Лаура Стојанва М-Нет