
Повеќе децении на Штип му недостига една многу значајна компонента од областа на културата. А тоа е кино сала, каде штипјани ќе можат, наместо да патуваат до Скопје да гледаат најнов филм, тоа да го направат без дополнителни трошоци за превоз.
Сепак, до сега никој конкретно не одлучил да навлезе во оваа проблематика, никој не одлучил да инвестира во нешто од кое ќе може и да профитира.
Има повеќе институции кои би можеле да реализираат еден ваков проект, но немаат доволно средства за тоа.
Според директорот на НУ Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“, Зоран Костовски, да се направи барем летно кино, во амфитеатарот пред библиотеката, потребни се три милиони денари.

Толку се предвидени со проектот со кој аплицирале до Министерство за култура. Но, за наредната година, а неизвесно е и дали ќе биде одобрен.
-Нели викаат, ако немаш кино не си град. Ние веќе неколку децении живееме без кино, така да мојата заложба е во тој правец. Да заличиме на центар на Источна Македонија баш и преку кино културата. Се надевам дека ова ќе биде такво место и нормално дека ќе заживее градот во тој дел.

Колку ќе успееме, ќе видиме од расположението во Министерството за култура и други порелевантни фактори кои би помогнале во овие наши проекти кои се во интерес и на библиотеката, а и општо и на граѓаните на Општина Штип – истакна Костовски.
Колку се заинтересирани од општинската власт, дознаваме од градоначалникот Бочварски. Тој вели, во ОМЦ „ Ќиро Глигоров“ има сала, делумно подготвена, само да се обезбеди соодветна опрема. Но, за оваа сала постојат формално-правни состојби и пречки кои треба да се надминат. Сепак, Бочварски со реална вистина, неопходно ќе е тоа да се реализира по пат на приватен инвеститор, кој би го инвестирал и менаџирал тој проект.

-Секогаш подобро е менаџирањето на вакви типови на објекти од страна на приватен инвеститор со најсовремена опрема и очекувам дека треба да останеме фокусирани на ова прашање, да ги наоѓаме решенијата и моделитетите и верувам дека со ентузијастички пристап ќе изнајдеме решение за еден ваков објект да повторно се случи на Штип – изјави Бочварски.
Од друга страна, градоначалникот истакна дека се добредојдени и ќе се почитуваат и идеите кои до општината доаѓаат од страна на граѓаните.
Меѓу останатите, таква идеја од пред неколку месеци е пласирана од страна на младиот штипски режисер Сашко Мицевски, кој деновиве ќе го промовира својот нов долгометражен документарен филм, но во Скопје, бидејќи овде нема услови за тоа.

За него киното има волшебна моќ, потенцирајќи дека е жално што денешната младина нема можност да ужива во тој значаен животен сегмент. Тој истакна дека реагирал до општинската власт, и дека неопходно е да се започне со нешто. Било што.
-Јас неколку месеци веќе зборам и се борам за тоа. Многу административно е тешко, меѓутоа не е невозможно. Луѓе прават болници за еден ден, луѓе прават градови за еден ден, ние не можеме 15 години едно кино да направеме. Кога ја имаше таа иницијатива за „Штип сака кино“ пред неколку месеци, со тоа едно активистичко видео кое го пуштив јас, мислам дека имаше многу голема бура на реакции, позитивни, само заради тоа што беше универзална идеја. Мислам дека допре до сите можни партии што можеше да допре, што е многу битно затоа што кај нас е малку хаос, и мислам дека имаше многу позитивен интерес од страна на јавноста, многу јавни личности, многу души го поддржаа тоа. Стапивме во контакт со локалната самоуправа со листа на активности кој што треба да направи да може да мрднеме напред. Јас мојот дел од листата го направив, јас имам многу добри контакти во Министерство за култура, во контакт сум со агенција за филм, и има многу добра иницијатива да се направи нешто. Од општина Штип уште немам втор одговор, еве неколку месеци – истакна Сашко Мицевски.
Социјалната вредност на кино проекцијата значително ќе го обогати народот и тоа на најдобар можен начин, додава Мицевски.

Треба да се направат секакви напори, бидејќи тој нема да застане на досегашниот статус.
-Борбата продолжува. Мислам дека јас нема да се смирам дефинитивно се додека не се случи тоа. И не само да имаме кино сала – да имаме кино сала која заслужува да го претстави Штип. Штип е регионален центар и мора да биде таа подобра од сите околни сали. Не е доволно само да има проекторче и да има два звучника кои што се закачени во „Ќиро Глигоров“ салата – потенцираше Мицевски.
Според Мицевски, на Штип му е потребна добра кино сала според светски стандарди, каде штипјани ќе може да уживаат без компромис.

Дали и што е уште поважно кога ќе се случи тоа, ќе зависи од некој, кој ќе има храброст и секако финансии да го реализира овој проект. Она што е најважно, штипјани се желни за кино, а со тоа, секој инвеститор ќе има и профит.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк
Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ
Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ