Караница за мртовци е тема на „Сите ќе умреме“ – новиот документарен филм на штипскиот режисер Сашко Мицевски

„Ваше е само да умрете, останатото е наше, ако треба ќе се степаме за вашето мртво тело“.

Караница помеѓу претпријатија за погребување во Штип е содржината на новиот краткометражен документарен филм на штипскиот режисер Сашко Мицевски насловен како „Сите ќе умреме“.

Идејата да го сними овј филм ја добил во 2014 година, веднаш после успешното промовирање на филмот за Мики Ли. Вели, имал креативна депресија, немал идеја што ќе работи следно, за идејата да ја добие од познатиот режисер на трилери, Алфред Хичкок.

-Во тој период имаше еден филм за животот на Хичкок, со Ентони Хопкинс и јас го гледав филмот и имаше таму една сцена кај што Хичкок оде и купува весници за да добие инспирација. Чита од весниците да се инспирира од вистински приказни. И јас викам, ова сигурно нема шанси да е точно. Значи, се симнувам во продавницата доле, купувам весник и во „Утрински весник“ отворам, пишува со огромен наслов „Војна за мртовци во Штип“. Отворам, ја читам статијата дека претходно имало тепачка на неколку погребални претпријатија за мртовец во болницата, објаснување на целиот бизнис, колку милиони кошта сето тоа, дека има жустра конкуренција и слично – рече Мицевски.

Интересната тема во статијата, но и смртен случај во семејството на Мицевски довело до тоа Сашко да се сретне со главниот актер во неговиот филм, Зоран Сичев, кој во родниот град веќе е познат како штипскиот Шон Конери.

Не го прашав за целата таа нелојална конкуренција у која што они живеат, меѓутоа стапивме во контакт за да видам колку е точна таа работа. Меѓутоа, сватив дека нивниот бизнис е многу загрозен и дека и е многу тежок и дека заради оваа закоравена и зар`ѓавена економија во оваа држава, мислам дека луѓето барат алтернативни начини како да преживеат. Што за мене беше иронично – погребалец да наоѓа начин да преживее. Генијално. Со Сичето некако се пронајдовме и како сензибилитет на луѓе. Тој е многу шармантен градски човек. Некако многу добро ни дојде муабетот и почнавме да снимаме во 2016 година. Првиот блок на снимање ни траеше четири дена. Во првите три дена како за малер, никој не умре во Штип. Ние седевме, снимавме, никој не умира. И нема врска, четвртиот ден имаше смртен случај и некако тргна целата работа  – објасни Мицевски.

Потоа се снимало неколку денови во 2017, па неколку денови во 2018 година. А Сичето, односно Зоран Сичев, за Мнет кажува дека воопшто немал трема пред камерите. Се снимало додека работел, се снимало и во случаи кога навистина имал работа со починат.

-Како го преземаме од капела или од дома, па тие го снимаат од далеку, па како го носиме со возилото, па тој бира место од каде ќе снима за да може да се види комбето. Па до самите гробишта, до капелата у гробиштата. Па после тоа следниот ден нели се носат од капелата у црквата, па од црквата до погребното место, па се врше погребот и се` тоа. Ние не ја гледавме камерата, можеби и тоа ни било така порелаксирано, за да немаш трема, да гледаш дали те снимат или не. Си работиш нормално, и мислам дека тоа придонесе да изгледа уште подобро за филмот, дека стварно е погребот сликан. Мислам дека малку беше и тешко, напорно, нема сценарио, значи мора да го кажеш, ако нешто се згреши, па се враќаш од почеток, па да го памтиш, или еве да го запишувавме на страна за да знаеме, да испадне истиот збор. Терените се  менуваа, зависи од временскиот период, пролет лето, каде ќе се снима, дали на Исарот, или од Исарот. Па на гробиштата, па пред капелата – истакна Сичев.

За снаоѓањето во улогата на актер од страна на Сичев, Мицевски има само пофални зборови.

-Значи Зоки, луѓе да ви кажам, е неверојатен на снимање. Има толку добра енергија, толку добар однос со екипа. Не само со мене, ние сме сега после неколку години работа и другари, и си помагаме и приватно се дружиме. Меѓутоа има толку добра енергија и ентузијазам, тоа ја прави целата стресна ситуација на снимање многу полесна – истакна Мицевски.

Премиерата на „Сите ќе умреме“ ќе се случува во раките на „Македокс“ – Фестивал за креативен документарен филм во Скопје, во недела, со почеток во 21 часот во Македонскиот културен центар (МКЦ).

За блиска иднина, Мицевски најавува и учество на други фестивали, на кои има аплицирано, а за повеќето апликации веќе има потврден одговор. Само, рано е да се објавува за тоа, рече Мицевски.

-–Јас мислам дека ќе има супер пат овој филм, самиот филм има некаква ведрина, која без разлика на насловот „Сите ќе умреме“, ведрината што ја има филмот, јас мислам дека е апсолутно неопходна у овај период. За Штип, прашањето кое сите го поставуваат, мислам дека е практично невозможно у Штип да има проекција моментално, заради тоа што Штип нема кино, и мислам дека нема ни сала која што може да ги задоволи моите пред се` технички критериуми за проекција на филм, бидејќи знам колку труд е посветено за ние да доведеме до перфекција слика и звук и слично и мислам дека ќе биде штета сето тоа да го фрлиме во вода само за една проекција – дециден е Сашко Мицевски.

Затоа, само штипјани кои се на списокот за во недела ќе можат да го видат документарецот „Сите ќе умреме“, а за она што ќе следува од Сашко, за што веќе има идеја, и тоа без наслов од весник, можеме само да очекуваме дека ќе е еднакво професионално направено како и неговите досегашни два краткометражни филмови.

Сижето го задржа во тајност, само спомна дека нема да е конкретно за Штип и штипјани, туку за некаква неоснована фобија од нешто, фобија која владее на Балканот.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ