
Институциите не одговараат на барањата односно на записниците на градежните инспектори од Штип и затоа градот има голем проблем со дивоградбите, истакна градоначалникот Иван Јорданов. Но, и покрај ова општината ќе позајми градежен инспектор на Општина Бутел, бидејќи таму веќе осум месеци не се решавани проблемите со дивоградбите. Јорданов истакна дека двата градежни инспектори со кои располага Штип се доволни и за Штип, и за да им се излезе во пресрет на други општини.
„Имаме заробени институции, институции кои не одговараат на нашите барања односно на записниците и решенијата на нашите градежни инспектори за отстранување на бесправно изградени објекти. Морам да бидам искрен и да констатирам дека во државата има заробени институции кои се од повисок степени и кои ги поништуваат решенијата на нашите градежени инспектори. Инаку Штип има доволен број на инспектори за да може да одговори на територијата на Штип, за да направи увид и да направи записник за одредени бесправно изградени објекти“ – кажа Јорданов.
Од друга страна пак Општина Штип мора да соработува со останати општини, како во регионот така и во државата. Меѓуопштинска соработка веќе има со Карбинци, а ќе има и сo Радовиш и скопски Бутел.
“ние како општини мора да соработуваме и во насока на тоа повторно ќе кажам дека во иднина секако сме овде да си помагаме, не само во делот на градежните инспектори туку и во делот на друготе решенија кои се неипходни да ги превземеме како општини. Општина Штип со Карбинци веќе има склучено меѓуопштинска соработка, исто така предлагаме општинска соработка со Општина Радиовиш, со Општина Бутел се со цел да се подобрат состојбите и во овие општини“ – додаде Јорданов.
Во Штип има над десетина бесправно изградени објекти кои се констатирани и за кој е издадено решение, но во последните седум месеци од страна на второстепените комисии решенијата се поништуваат и се појавуваат ограничени можности за отстранување на дивоградбите, додаде Јорданов. Истовремено станува збор за огромни објекти, а не за диво изградени соба или две на некое домаќинство.
Лаура Стојанова М-Нет