
Родова рамноправност во носењето на одлуките е стремежот на Општина Штип. Според градоначалникот Јорданов, празнувањето на Осми март треба да биде преку дела. Во рамки на Локалната самоуправа жените се’ повеќе треба да бидат вклучени во општинските работи, како и во функционирањето за подобрување на градот под Исарот.
„Се трудиме жените да бидат рамноправни во учествувањето, во носењето одлуки, во сите работни активности на Локалната самоуправа. Сметам дека никогаш не е доста, треба да се трудиме да се подобрат состојбите. Ова е ден којшто го празнуваме, ама празнувањето не треба да биде само декларативно, туку и на дела. Се надевам дека во годините коишто следуваат сите заедно ќе придонесеме жените да бидат вклучени во сите одлуки коишто се носат, во сите случувања, во сите делувања на Локалната самоуправа и со тоа да придонесеме во развојот на нашиот град“, истакна Јорданов.
По тој повод, а во чест на Меѓународниот ден на жената, Осми март, градоначалникот и претставници од Општината поделија свежо цвеќе на жени и девојки во централното градско подрачје.
„Ја користам оваа прилика на овој ден, празникот на жената, да го честитам 8 Март на сите претставнички на понежниот пол. Ако клучот за успехот на едно семејство е жената, посакувам оваа година клучот за успехот и развојот на нашата општина да бидат жените! Нека е за многу години, многу години да го славиме овој празник! Посакувам многу успеси на сите жени во нашиот град“, порача Јорданов.
Инаку, во Општината вработени се 79 жени, но во соодносот мажи и жени повеќе преовладуваат мажите. Во Советот на Општина Штип, пак, има 11 жени и 12 мажи, а Советот има и претседател – жена.
Ребека Спасова М-Нет