Учениците од СОУ „Димитар Мирасчиев“ поделија марами и честитки на жени и девојки во Штип

Марами од текстил и честитки од учениците во средното текстилно училиште денеска добија случајни минувачи – жени и девојки низ Штип. Подароците се изработка на учениците, кои со поддршка од директорката и вработените во СОУ „Димитар Мирасчиев“ го разубавија осмомартовскиот ден.

„По повод Осми март, Меѓународниот ден на жената, нашите ученици од СОУ „Димитар Мирасчиев“ Штип изработија креативни честитки и марами коишто имаат желба да ги подарат на припадничките на понежниот пол. Учениците изразија желба да ги подарат на припадничките надвор од училиштето и во училиштето“, истакна Марина Варадиновска, в.д. директор на СОУ „Димитар Мирасчиев“ – Штип.

Во активноста учествувааа сите ученици. Подароците за жените и девојките се подготвуваа изминатите неколку недели, во рамки на повеќе креативни работилници учениците несебично се вклучија и ја изразија својата креативност.

„Голема благодарност до сите текстилни компании во нашата општина кои ни доделија неколку видови материјали од коишто нашите ученици направија креативни изработки“, додаде Варадиновска.

Учениците се вклучуваат во повеќе активности по повод меѓународни, државни или верски празници, преку што ја искажуваат својата креативност и стручност во рамки на образованието.

Ребека Спасова М-Нет