
Кривична пријава поднесе штипскиот градоначалник против претходен директор на ЈП „Исар“. Пријавата е по основ на набавката на метларка, која, како што вели Јорданов, до ден-денес не е функционална. Според него, спорно е и што во тендерската документација била наведена иста техничка спецификација како онаа по која компанијата ја произведува метларката, а со тоа е извршено влијание да има ограничувачки услови и ниту една друга фирма да не се пријави на тендерот.
„Денес доставувам кривична пријава до Основното јавно обвинителство против поранешен директор на ЈП „Исар“, Живко Тасев, за основано сомнение за злоупотреба на службена положба по член 353 од КЗ при набавка на метларка, за основано сомнение за наместен тендер за влијание во јавната набавка. Во време кога Јавното претпријатие било во долг од пет милиони евра, е набавена до ден-денес нефункционална метларка во вредност од 90.000 евра од сомнителна фирма, единствен понудувач на самата јавна набавка“, истакна Јорданов.
Јорданов очекува Основното јавно обвинителство да го разгледа случајот и да се произнесе по истиот, но најави и дека ова нема да биде единствена кривична пријава, бидејќи никоја од институциите досега не реагирала по допрен глас.
„Јас во минатото неколку пати повикував надлежните институции по допрен глас да излезат и да побараат соодветна документација, очигледно, никој не се одзва на повикот, затоа ќе морам јас лично да ги доставам соодветните докази, не само за директорот на Јавното претпријатие, туку и за други функционери од минатото за основани сомненија за сторени кривични дела, коишто ги утврдил ревизорот при Извештајот којшто ни беше доставен до нас како Локална самоуправа“, додаде Јорданов.
Штип ја набави машината за чистење на јавно-прометна површина во 2018 година и оттогаш беше мета на низа контроверзии и често споменувана во прес-конференции и реакции на двете најголеми политички партии. Јорданов претходно реагираше дека Штип ја има најскапата метларка во државата.
Ребека Спасова М-Нет