
Фудбалскиот клуб Брегалница е пред можноста следната сезона да се врати во Првата македонска фудбалска лига, во пролетниот дел „сините“ ги очекува борба со Охрид, Шкендија Арачиново, Скопје и Беласица во трката за местата кои водат кон фудбалската елита на Македонија.
Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, во гостувањето во Зум Анализа на М Нет телевизија истакна дека се општината мора да најде приватен инвеститор за ФК Брегалница во случај клубот да обезбеди влез во Прва лига.
„Општината мора да најде приватен инвеститор, сопственик кој ќе финансира и кој ќе вложува во спортот, затоа што станува збор за прескапа работа. Некоректно ќе биде од страна на општината да финансира еден таков професионален спорт со такви потреби како што се создадени во оваа лига, така да, исклучиво само со поддршка на приватен спонзор или инвеститор“, вели Јорданов.
Јорданов дополнува дека оваа година општина Штип има наголем буџет за спорт во однос на претходната година, а тој зборуваше и за пропаднатиот обид Брегалница да биде преземена од приватен спонзор.
„Најголем буџет за спорт имаме годинава, голем дел од овие средства ќе бидат префрлени на спортските работници, спортските клубови на стипендирање на спортисти и спортски резултати, опфаќајќи ги сите индивидуални и колективни нешто кое што оваа година ќе биде компаративно повеќе од годинава која што измина е состојбата со ФК Брегалница затоа што пропадна тој обид акциите на ФК Брегалница да преземени, купени од страна на инвеститор. Жал што тоа е така, но состојбата на пазарот е таква, обидите не секогаш се реализираат согласно потребите и замислата. Кога имаме една таква состојба општината мора да го исфинансира фудбалскиот клуб затоа што е единствен клуб кој е во сопственост на општината. Ние не застануваме овде, преговараме, разговараме сериозно со спортски поддржувачи кои верувам дека ќе дадат целосна и значителна поддршка во финансирањето на ФК Брегалница, но некоректно од моја страна и неодговорно би било предвреме да објавувам. Поучен од искуството во минатото кога имавме една таква неубава ситуација да не успее до крај да се реализира замислата и намерата на сите чинители“, рече Јорданов во гостувањето во Зум Анализа на М Нет телевизија.
Брегалница презимува на третото место со три бодови помалку од лидерот Охрид, клубот досега се засили со Бојан Рајков, Јорданчо Наумоски и Костадин Капсаров, а одигра и неколку пријателски натпревари за проверка на формата, а ќе бидат одиграни уште неколку. Пролетниот дел Брегалница го отвара против Кожуф во Гевгелија.
Александар Ванев, М-Нет