ФК Гостивар ги враќа своите адути и добива силна поддршка од Општина Гостивар

Фудбалскиот клуб ФК Гостивар со големо задоволство ја информира јавноста за враќањето на неколку добро познати имиња во своите редови, потег кој јасно ги отсликува амбициите на клубот за тековната сезона. Во „старото гнездо“ повторно се враќаат Генц Гаши, Рони Синани, Зеќир Сефери, Горан Новаковски и Месут Шабан – фудбалери кои со своето искуство и квалитет треба да донесат дополнителна стабилност и сила во тимот.

Од таборот на гостиварци порачуваат дека заедништвото е клучот на успехот, а овие враќања се доказ дека клубот сериозно ја гради својата приказна. „Заедно сме посилни, заедно сме Гостивар“, е пораката што ја испраќаат од клубот во пресрет на продолжението од сезоната.

Покрај засилувањата на теренот, ФК Гостивар доби и значајна институционална поддршка. Клубот упати официјално писмо со благодарност до Општина Гостивар за обезбедената финансиска помош.

Од ФК Гостивар истакнуваат дека средствата ќе бидат искористени за консолидација на тимот и обезбедување стабилност во официјалните натпреварувања, подобрување на инфраструктурата и условите за тренинг, како и за мотивирање на младите генерации да се насочат кон спортот и да ги бранат боите на својот град.

„Поддршката од Општина Гостивар ни дава дополнителна сила и одговорност достојно да го претставуваме градот на секој натпревар. Уверени сме дека со ваква соработка, заедничките успеси нема да изостанат“, порачуваат од клубот.