
Донесените одлуки во Советот на Општина Штип немаат важност. Ваква е одлуката на Државниот инспекторат за локална самоуправа кој испрати опомени во Општина Штип. По вонредниот инспекциски надзор во Општина Штип, од таму истакнаа дека советниците во Советот треба да потпишат нови свечени изјави во кои ќе се почитува Уставното име на државата односно со придавката Северна. Опомената е адресирана до првиот човек на Општина Штип, Иван Јорданов, и Претседателката на Советот на Штип, Весна Карагунова Кожинкова. Новите свечени изјави треба да бидат потпишани во рок од 15 дена, па инспекциски надзор ќе се спроведе уште еднаш. Јорданов не даде конкретен одговор како ќе постапат по оваа одлука на ДИЛС. Тој истакна само дека ова не го очекувал и дека по координација со советничката листа ќе се произнесе во врска со прашањето.
„Искрен да бидам очекував да добиеме известување кој ќе биде одговорен за настанатиот долг во ЈП „Исар“ од 300 милиони денари, ова е прашање кое повеќе ја засега штипската јавност, кој ќе одговар за ова нерационално, неодговорно, расипничко трошење на парите на граѓаните, но слугите на Заев наместо ова прашање одлучија да решават друго прашање. Јас во текот на овие денови ќе направам координација со советничката листа, со правните лица во Општина Штип и врз основа на тоа ќе се произнесеме за нашите понатамошни чекори“ – кажа Јорданов.
Според Јорданов слугите на Заев, како што рече тој, наместо да се интересираат за поважни прашања во градот под Исарот, се трудат на секој начин да ја закочат работата на Локалната Власт, и тоа во штета на граѓаните.
„Она кое можат да го видат граѓаните е дека ние неуморно секојдневно работиме две недели за да ја подобриме состојбата на територија на Општина Штип. Но, во ист момент додека ние работиме тие не бираат средства и начини како да ја опструираат работата и како да ја закочат работата во Штип. Ова е еден од механизминте кој што го практикуваат и повторно ќе кажам, наместо да се интересираат за посуштински прашања, тие се занимаваат со блокада на работењето на Советот на Општина Штип“ – додаде Јорданов.
Претседателката на Советот на Општина Штип, Кожинкова за М-Нет телевизија истка дека за одлуката разбрала доцна синоќа од медиумите. Денес немаше одговор на прашањето како ќе се постапи, но истакна дека откако ќе се координираат одговор ќе има рано наутро во понеделник, за кога и е закажана седница за ребаланс на Буџетот на Општина Штип.
Свечените изјави без придавката Северна ги потпишаа советниците од ВМРО ДПМНЕ И Левица на првата конституитивна седница. Доколку сега мнозинството советници не постапи согласно добиеното решение од Инспекторатот во рокот кој им е даден, може да се соочат и со мерката „забрана за прописи“. Ова ќе значи целосна блокада на работата на Советот на Општината.
Лаура Стојанова М-Нет