
Нема затворање на ООУ „Гоце Делчев“ Штип, истакна денеска градоначалникот Иван Јорданов, додавајќи дека само се прави стратегија за оптимизација на ресусрсите. Информациите кои изминатиот период беа проследени во јавноста се разгледуваат, а одлука што понатаму ќе се носи заеднички со повеќе чинители, дециден е тој.
Во игра се две опции, да се намали бројот на паралелки во сите училишта, а со тоа да се намали и бројот на наставен кадар или да се направи нова реонизација и да се донесе одлука одредени образовни институции да се централизираат и со тоа да не се намали бројот на наставници, вели Јорданов.
„Факт е дека во Општина Штип до сега имаме вештачки паралелки кои се со несоодветен број на ученици, односно под законскиот минимум. Стратегијата за оптимизација на ресурсите предвидува да формулата за пресметка на блок дотациите кои Општина Штип ги добива од МОН е да се пресметува платата и блок дотацијата по број на ученици, а не по број на паралелки. На 1 септември ние ќе се соочиме со тоа дека ќе имаме помал број на паралелки, а со тоа и одлука што со наставниот кадар“ – вели Јорданов.
Дополнителн проблем во ООУ „Гоце Делчев“, освен намалениот број на ученици е и пресудата за сегрегација. Јорданов истакна дека ова како проблем мора да се реши, со цел да не се продлабочува во иднина.
„Да превземеем мерки во насока на спречување на идна сегрегација. Ова значи дека не смее да се дозволи во едно училиште да имаме чиста ромска паралелка или чиста македонска. Такви услови во ООУ Гоце Делчев за жал нема и оваа сегрегација се продлабочува и овој проблем мора да се реши“ – додава Јорданов.
Во наредниот период Јорданов истакна дека ќе оствари средби со родителите и наставниците, а одлуката ќе зависи од повеќе фактори, како наставниците, родителите, МОН и општината. Конечната одлука ќе биде позната до крајот на оваа учебна година.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет