ЈКП „Комуналец“ најмалку седум години ќе го исплаќа милионскиот долг на ХС Злетовица

Најголемиот должник на ХС Злетовица, ЈКП „Комуналец“ од Свети Николе ќе го исплаќа долгот најмалку седум години. Откако двете јавни претпријатија направиле корекција на договорот, сега Свети Николе по утврдениот начин на исплата најмалку седум години ќе го исплаќа долгот.

„Направивме договор каде што извршивме корекција на новиот договор и каде што беше договорен начинот на исплата на долгот, којшто е по две основи, долг на заостанати неплатени фактури и долг по основ на камати. Направен е акциски план по која динамика нивниот долг ќе биде исплаќан во период најмалку од седум или осум години“, истакна Миле Илиевски, директор на ЈП ХС Злетовица.

Сепак, ЈП ХС Злетовица нема да може своеволно да ги ослободи од плаќањето на каматата, иако за тоа се согласни. Директорот Илиевски предлага Општината да достави барање преку ЗЕЛС, по што би добиле потврда од Владата.

„Ние како јавно претпријатие самоиницијативно не можеме да ги ослободиме од каматата, бидејќи сме владино претпријатие. Моја препорака е преку ЗЕЛС и преку градоначалникот на Општина Свети Николе да побараат ослободување, во ова тешко кризно време да бидат ослободени од камата. Ние како јавно претпријатие сме согласни да ги ослободиме од камата, меѓутоа мора да се исполнат процедурите и на крај да добиеме согласност од Владата на Република Северна Македонија“, додаде Илиевски.

Инаку, само во 2019 година долгот на Свети Николе достигна 15 милиони денари, а заедно со шест милионскиот долг на Пробиштип, ХС Злетовица имаше должници од 21 милион денари. Тогаш двете Општини заедно плаќаа од 1.200.000 до 1.300.000 денари месечно. Наплатата на Свети Николе изнесуваше 200 отсто, а на Пробиштип 100 отсто.

Ребека Спасова М-Нет