Православната црква се присетува на чудото Христово, денес е Лазарева сабота, а утре Цветници

Православната црква денеска празнува Лазарова сабота, а утре е Цветници. Со тоа се означува почетокот на страдалната седмица, кој му претходи на Воскресението Христово – Велигден. На денешниот ден се споменува чудесно воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос, настан кој бил на шест дена пред предавството и убиството на Христос на Голгота.

„Светата православна црква влегува во оној богослужбен циклус пред почетокот на големиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден. Овие два дена си спомнуваме за едни од последните настани од Христовиот живот, а тоа е воскресението на четиридневниот Лазар и влегувањето во Ерусалим, познато како Цветници. Христос сакајќи да ги ојача своите соработници, зборувајќи им за воскресението, им го покажа“, вели отец Димитар Арсовски.

Исус по чудото влегол во Ерусалим качен на осле, поздравен од мноштво народ. Ваквиот пречек на Исус во Ерусалим бил последица од неговата голема популарност меѓу народот уште повеќе зголемена по воскреснувањето на Лазара. Пречекувајќи го Исуса воодушевениот народ со цвеќе, врбови гранки, но и со својата облека го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на висините”.

„Свечено ќе го пречекаат во Ерусалим, како цар, како големец. Христос имајќи смирение не влегува како некој големец, туку смирено. Сите луѓе извикуваат „Осана во висините“ поздравувајќи го поради неговата чудесна моќ. Потоа токму оние кои го чекаат како Цар, ќе бидат оние кои ќе велат „Распни го! Распни го!“ и на самиот Велики Петок ќе биде распнат“, додава Арсовски.

Познат обичај е да се носат гранчиња од врба што симболично претставува свечено Христово влегување во Ерусалим, каде што го пречекале следбениците. Денот на празнување на Цветници секогаш е на недела пред Велигден, а ден пред тоа е Лазарева сабота.

Ребека Спасова М-Нет